Непознати терористи убиле 16 лица при напад врз село во северниот дел на Буркина Фасо, потврди денеска локалната Влада, пренесува МИА.
Екстремисти во саботата и неделата го нападнале селото Побе Менгао во провинцијата Сум во близина на границата со Нигер, се вели во соопштение на гувернерот Салфо Каборе.
Локалните жители го пријавиле нападот кај локалните медиуми претходно оваа недела, но владини претставници само го потврдија инцидентот денеска рано наутро.
Идентитетот на напаѓачите и нивната припадност се уште се непознати.
Северниот дел на Буркина Фасо, кој граничи со Мали и Нигер, служи како засолниште за исламистичките екстремисти кои редовно го напаѓаат цивилното население.
Според Обединетите нации, Букина Фасо, земја со околу 20 милиони луѓе, е една од десетте најсиромашни нации во светот.