Сопствениците на викендички и жителите на Маркова Сушица, место Перковец, Општина Студеничани, веќе подолго време имаат проблем со патот од продавницата поставена на крстосницата за Марков манастир, Козјак кон Добри Дол во нагорнина од наредните 500 метри. Наведениот дел од патот е во катастрофално лоша состојба, со огромни дупки, скоро и невозможно за одвивање на сообраќајот, пренесува МИА.
Скопјанецот Никола Р., кој најчесто вози по овој пат за време на викендите или за празници за да стигне до Марков манастир вели дека на тој дел од патот речиси и да нема асфалт, состојбата трае веќе подолг период, а никој не презема ништо.
– Колите ги искршивме, цел пат е со дупки. Тоа не се дупки, туку кратери. Еве може да видите и сами. Треба да се стави нов асфалт. Дупките да се пополнат или нека ја асфалтираат улицата, ни изјави Никола.
И луѓето кои деновиве помагаат за подготовка на манастирската слава по повод празникот Свети Димитриј (Митровден) се жалат дека практично е невозможно со натоварено возило да се достават потребните работи до манастирот и мора да се бараат алтернативни заобиколни патишта.
Жителите нè информираа дека пред извесно време оствариле средба со претставници на Општина Студеничани, по што добиле препорака нивниот проблем да го стават во писмена форма и да го достават до градоначалникот Азем Садики.
Од Општина Сопиште за МИА изјавија дека иако овој локален пат е на територија на Општина Студеничани, тие се подготвени за соработка и би се вклучиле во изработка на заеднички проект.
Жителите, пак, изразуваат надеж дека нивниот проблем ќе се реши наскоро, а дотогаш останува да возат по дупки.