Во рамките на проектот „On the point”, Јавна Соба организира работилница за дизајн на мобилна градина наменета за лица со попреченост во развојот која ќе се одржи од денеска до 16. ноември во Центарот за дизајн и иновации, пренесе МИА.
На работилницата ќе учествуваат 20 учесници – архитекти и дизајнери, од кои по пет учесници доаѓаат од Англија, Холандија и Белгија и пет се од земјава. Тие ќе работат во мешани тимови со цел да се дојде до најдобри решенија, преку размена на знаење, искуства и начин на размислување.
– Преку овој проект целиме кон отворање на патот до поинклузивна, социјално и културно поразновидна културна понуда. Во двегодишна програма регрутиравме и патуваме со меѓународна мрежа на млади креативци. Во секој од нашите четири града (Бриж, Ротердам, Брајтон и Скопје), креативците уметнички работат на предизвици формулирани од секој град –домаќин, соопштија од Јавна Соба.