Со цел, зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, како и за намалување на трошоците за електрична енергија, на институциите формирани од општините и на предлог-објекти од општините се реализираше Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи во 36 општини и на 108 јавни објекти. На барање на Владата, Европската Унија (ЕУ) се согласи да обезбеди 15,5 милиони евра за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на Програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,667 милиони евра, соопшти Владата.
Програмата ја имплементираше Министерството за финансии, во соработка со Светската банка како посебен сегмент за ИПА рурални инвестиции во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги. Овие средства на општините им се доделуваат во форма на грантови за да ја подобрат инфраструктурата во руралните средини.
Во рамките на Министерството за финансии-МСИП, Проект за подобрување на општинските услуги со средства од ЕУ ИПА грант успешно се реализираше Проектот за проектирање и поставување на фотоволтаични системи во 4 региони и тоа:
Источен плански регион, 11 општини: Берово, Виница, Делчево, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново-Облешево, Штип, Зрновци, Југозападен регион, 10 општини: Вевчани, Дебарца, Македонски Брод, Охрид, Дебар, Кичево, Пласница, Струга и Центар Жупа и Ресен, Полошки плански регион, 9 општини: Јегуновце, Маврово и Ростуше, Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Гостивар, Желино, Теарце и Тетово; и Североисточен плански регион 6 општини: Кратово, Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково.
Во јавните објекти од типот на општински-административни згради, училишта, градинки културни домови и слично (мали потрошувачи), заштедите во потрошена електрична енергија месечно може да изнесуваат од 20-76% (просечно 45%) што изнесува 80 евра по објект месечно. На 100 вакви објекти вградени се фотоволтаични системи и заштедата кај нив годишно може да изнесува 96.000 евра.
Вкупната заштеда на средства за сите 108 објекти годишно може да изнесува околу 190.000 евра.