Утре (петок, 29 ноември 2019) во Занаетчиски дом – Куманово, почнувајќи во 18:30 часот ќе се одржи Гитаријада 2019. Од бендовите пријавени на конкурсот, одлучено е во натпреварувачкиот дел да настапат 9 бенда: кумановските `Wardenclyffe`, `Cursed Heart` и `Rubin`, со скопските `Fiction` и `Ruststained` и кичевските `Inner Hate` и `Halfgod`, како и велешаните `Zima Blue` и битолчаните `Misanthrope`.
Најпрви ќе настапат кумановските рок-ветерани (како што ги именува организаторот).
„Берлински ѕид“ ќе настапат пред публика за прв пат после 1996 година . Оттогаш престанале со активности. Две години претходно го имале издадено нивниот албум `Црна дама` (1994). Составот со кој ќе се претстават е со скоро сите членови од тој момент на нивното постоење (без басистот и бубњарот). Како што ни кажа Ѓорѓи Спасовски (едниот од двајцата гитаристи): „Oва ќе е потсетување на убави денови со рокенрол. Постои желба пак да се собереме, и да покажеме дека сеуште умееме и можеме да пренесеме позитивна вибрација”.
`ЕкаНика` постоеле во период 1985-1997, со мала пауза при крај на `80-тите кога отслужувале воени рокови. Според она што ни кажаа: “Кога еднаш жива свирка ќе влезе во крвта, таа никогаш не излегува – секоја активност носи доза на адреналин и задоволство.”, може да се очекува да настапат со оригинална енергија, во основниот состав со заменски членови на бас и клавијатури.
`Лектира` e проект на Марјан Маневски – Африка, кој преку даскалско-подучувачка мисија во последниве 15 години им дава наук на млади рок музичари. Самиот Марјан (како поранешен член на `КУ`, `Викторија`, `Царски рез` и `Севар`) работи на тоа неговите соработници да настапуваат исклучиво со нивна авторска музика. На оваа Гитаријада ќе настапи моменталниот бенд од 6 члена.
`Тумба` постоеле од 1981-1986 година, a на нашето прашање во кој состав ќе настапат сега, клавијатуристот Зоран Краљевски одговори: „Воопшто не е важно – сè е на куп. Микс.“. Лежерноста на ваквиот одговор наведува на тоа дека е можно да се добро искулирани и фино спремени за добра свирка.
„Илинден` биле победници на Гитаријадата од 1983 година одржана во кумановска `Соколана`.
Како гости на фестивалот ќе настапат српските бендови „Majdan“ и „Тhere“, црногорците „Parampascad & Bubnjivi“, како и македонскиот „Тhe Three Of Us“.
Како што ни кажа Стефан Пантовиќ од „Parampascad & Bubnjivi“`, тие доаѓаат да настапат по покана и препорака на членовите од кумановскиот бенд `KI`, со кои се имаат сретнато и дружено по фестивали. Според негови зборови, немаат доаѓано претходно во Македонија и едвај чекаат се запознаат со овдешни музички колеги. За настапување со постарите колеги, сметаат дека во рок-музиката не постои судир на генерации и дека рок-музичари се вечни деца заради што нема да имаат проблем меѓусебно да се “сконтаат” и да уживаат заедно.
Влезот на кумановска Гитаријада 2019 во Занаетчиски дом – Куманово ќе е слободен (бесплатен) за сите посетители. Почеток е закажан во 18:30 часот во петок, 29.11.2019.