Премиерот Заев со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствариле средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили на НАТО во Неапол, која се одржа на носачот на авиони „Хари С. Труман“.
„Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните воени способности на воено поморските сили на САД, кои им служат на американските, но и на сите граѓани на земјите – членки на НАТО Алијансата.
Стануваме дел од најмоќната воено-безбедносна и политичка алијанса на светот и во историјата на човечката цивилизација.
Северна Македонија припаѓа во најсилниот систем на колективна безбедност. Најсилните земји во светот се наши сојузници, а Северна Македонија е 30та полноправна земја членка на НАТО.“, пишува премиерот Заев на својот Фејсбук профил.
„Ден полн со адреналин. Слетавме на носачот на авиони „Хари С. Труман“.
Тоа беше можност одблиску да се доживеат импресивните капацитети на воздушно поморските сили на САД и на НАТО. Стануваме 30. членка на Алијансата и веќе сме дел од семејството.“, вели министерката за одбрана Радмила Шекеринска
За овој куриозитет дипломатските кругови коментираат дека до сега во Белата куќа биле премиери и претседатели од Македонија, но никој не бил поканет на носач на авиони од оваа класа.
Тие велат дека ова е израз на доверба, почитување и голема поддршка на САД за политиките на оваа владина гарнитура.
Ј. Ѓ.