„Поднесените неколку илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ на законите за Академијата на судии и јавни обвинители, за јавнообвинителската служба и за измена на Изборниот законик, испраќаат нечесна и недржавничка порака. Амандманите од владиниот коалициски партнер ДУИ, пак, се сериозна причина за размислувања кои СДСМ ќе ги отвори“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
За поднесените 5.000 амандмани од владиниот коалициски партнер ДУИ, Заев рече дека тоа е сериозна причина за размислувања што ќе ги отвори СДСМ. Прашан дали е можна нова коалиција, Заев само повтори „дека ќе има сериозни размислувања“.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ поднесува 9.000, а ДУИ 5.000 (амандмани), и можат да блокираат одреден процес. Тие имаат деловничко право на тоа. Ние ќе продолжиме да се бориме, но не знам колку ќе успееме. Се надевам дека ќе има мнозинство за да ги донесеме тие одлуки. Ако пак мнозинството реши поинаку, ќе биде спречена една изборна единица, но тоа е демократијата и убавината на демократијата. Во духот на демократијата сме различни, ние сме за една изборна единица, а нашиот коалициски партнер е против, и може да остави ВМРО-ДПМНЕ да го блокира. Сепак, 5.000 амандмани праќаат лоша порака. Кој и да е, тоа е too much!“, изјави Заев.