пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Бранко Героски напиша текст под наслов „Јане и Фронтлајн – првата борбена линија против вистината!“ во одговор на текстот „Живаљевиќ, потстанарот на Героски“. Нема да ги коментирам. Доволно е да се прочитаат едно по друго.
Сакам само да потврдам дека во телефонскиот разговор со Героски, му кажав дека нема да оди текст по информацијата дека негов долгогодишен потстанар бил агентот на српските безбедносни служби, Живаљевиќ, кој беше во толпата која го нападна Собранието на 27 април 2017 година. Имајќи предвид дека Героски е јавна личност и дека, сепак, јавен интерес е да се споделат информациите што пристигнале во нашето електронско сандаче, одлучив да оди текст. Пропуштив (еве, жалам за тоа) да го известам Героски за промената на мојата одлука, иако не гледам зошто тој и неговите истомисленици потрошија толку зборови на неважен детаљ. Можеби за да направат спин? Но, толку за тоа. И многу е.
Во оваа прилика, сакам да истакнам нешто многу поважно. Героски не бира зборови и изрази со кои ги навредува луѓето, негови колеги, иако со ништо не го заслужиле тоа. Не е пропаганда, ниту атак на Героски, ако мислиме и пишуваме поинаку од него. Јане не е единствениот мој колега и соборец што континуирано е напаѓан со навредливи зборови, со говор на омраза и омаловажување. Цели групи на луѓе се мета на организиран медиумски напад.
Но, не е омраза кога Героски и Плусинфо навредуваат. Не е омраза кога ТВ Алфа води црна пропаганда. Не е омраза кога разни „курири“, леви фашисти и пребогати партиски, па и невладини фолиранти и камелеони со години вршат јавен, медиумски линч на оние што поставуваат прашања без компромиси и калкулации.
Кога некои од луѓето со кои соработувам ќе изнесе свој став, тоа е предмет на експресни и остри „пресуди“ од некои „ложи“. Кога мета на навреди и омраза сме ние, настапува симптоматичен молк.
Дали треба да протолкуваме дека тоа е одобрувачки и поттикнувачки молк? Нема ниедна причина, ниеден аргумент тоа да не го сфатиме како одобрување и поттик за говор на омраза против оние што имаат смелост да пишуваат за забеганата криминална Фамилија. Со години трпиме говор на омраза, клевети и навреди, повици на убиство против нас, затоа што пишуваме и говориме за „сведоците“ и за „жртвите“ за кои знаеме дека имаат несфатливо многу пари. Да, ви зборувам за оние што од џеб вадат милион евра, како јас што вадам 100 денари.
Инсинуирам? Не. Само не гледам дека има нешто друго да се види освен тоа што е очигледно!
Сакам сите да ги потсетам. Веќе три години живееме во една поинаква земја, што не е заробена од еден грст забегани криминалци.
За мене, никој не е недопирлив. Фактите и јавниот интерес се на врвот од приоритетите во нашата дејност и наша должност е да ги штитиме. Прашања има и ќе има. И барања за одговорност ќе има. Некои мислат дека можат да бидат заштитени како бели мечки… Не додека сум јас жив.
Нема да ме замолчи дивеењето на аѓутантите и пропагандистите на Фамилијата, кој сака нека биде тоа. Никогаш од ништо не сум се плашел, а зад секоја моја мисла и збор стои мое сопствено размислување, мој сопствен став. Нема сума на пари што може тоа да го промени. Мој став, моја одговорност!
Уште еднаш, прашања има и ќе има!
Сите права се задржани.