При очи се прават слепи, при уши се прават глуви. Државата нема да падне во вашите црнила, рече скопскиот градоначалник Шилегов, на денешната трибина „На прав пат“ во спортската сала Борис Трајковски во Скопје.
„Нема да дозволиме Скопје и Македонија да пропаднат во црното минато. Скопје продолжува напред, кон вистинскиот пат. Со ваша помош одиме напред. Заедно за Скопје, заедно за Македонија, Заедно за сите нас“, рече Шилегов.
Тој исто така рече дека од февруари низ скопските улици ќе можат да се видат новите 33 нископодни единечни и двокатни автобуси на гас, најави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов на завршната трибина „На прав пат“ што се одржува во Скопје.
„Наместо набавки на скапи автобуси, на пат се 33 нископодни единечни и двокатни автобуси на гас кои од следниот февруари ќе ги гледаме низ скопските улици, рече Шилегов, додавајќи дека се преземаат системски мерки и во делот на хигиената на градот, сообраќајот и аерозагадувањето.
Со новите еколошки автобуси се очекува годишно да се заштедат 25.000 евра за гориво, во споредба со двокатните кинески автобуси. Новите автобуси ќе имаат влијание и врз намалувањето на аерозагадувањето во градот бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички.