Во текот на изминатата ноќ непознати сторители запалиле шест контејнери во населбата Ново Лисиче. Како што информираат од ЈП „Комунална хигиена“, во текот на првите десет месеци од 2019 година се опожарени над сто садови наменети за одлагање на комуналниот отпад во градот Скопје. Само во првите седум дена од ноември изгореле десет контејнери. Сите опожарени контејнери се целосно уништени и неупотребливи. Со ваквите инциденти на ЈП „Комунална хигиена“ му е нанесена финансиска штета во висина од 1,5 милиони денари.
Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.
Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти, стои во соопштението ја „ЈП Комунална хигиена“.
Досега во неколку наврати, во повеќе скопски населби меѓу кои во Центар и Чаир, беа запалени 13 нови контејнери и канти за отпад. Во неколку случаи дури беа оштетени и возилата кои беа паркирани во близина, а чадот придонесе и во зголемување на загадувањето.
Надлежните органи истражуваат кој ги подметнува пожарите, дали се работи за ист сторител или не, и дали е намерно или нарачано палењето.
Во последно време, сѐ погласни се тврдењата дека намерно се подметнуваат пожари, се расфрлаат отпадоци и се уништува урбаната опрема.
Институциите имаат должност да поведат истрага и да ѝ соопштат на јавноста дали овие тврдења се точни и да преземат навремени законски санкции, за да спречат поголеми последици и ширење несигурност кај граѓан(к)ите.