од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Галиба избори, сепак, се ближат. Партиите тврдоглаво, од инает повеќе, од жед да се биде на власт по секоја цена, да се допре до грнето наречено буџет, решиле да одат на избори на пролет. А ова непродуктивно време на реформски вакуум, во пресрет на очекувањето покана за почеток на преговорите со Унијата, можеа да го искористат за на Брисел да му испорачаат барем една-две повидливи промени на подобро. Барем еден-два европски стандарди. Макар по некој сегмент во судството, по нешто во администрацијата, на пример.
Ама не. На избори. Едните да седнат на столчето на довчерашниот режим, другите притиснати од неисполнети радикални реформи, по нов мандат. Нејсе, што и да е, како што сега стојат работите, гледано од неколку аспекти, идат избори со мошне енигматичен изборен епилог. Според какви-таквите тестирања на јавното мислење, вака некако:
Актуелното расположение, барем засега, е инертност спрема излезноста. Апстиненцијата веројатно ќе биде меѓу рекордните. Гледано низ етничка призма, рејтингот на клучните играчи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е во блага предност за опозицијата. Но нејзините коалициски капацитети засега се минорни.
Вокабуларот што сѐ уште тврдоглаво го испорачува ДПМНЕ, посебно во однос на Преспанскиот договор и новото уставно име на земјава, не кореспондира со реалноста и тоа дел од гласачите го препознаваат. Друг, исто така значаен дел од Македонците, особено партиски неопределените, од желба да му вратат на СДСМ за прифатените уцени во компромисот со Грција, сега инаетливо на власта ѝ ја испраќаат пораката дека ќе биде казнета како емотивна компензација за нивната национална траума.
Кај партискиот блок на Албанците нема позначајни поместувања. Врз основа на сегашните индикации, претпоставка е дека на претстојните избори гласачкото тело се враќа дома во етничките атари. Реално, такво е актуелното политичко време.
По Преспанскиот и извесното НАТО членство, гласачите македонски Албанци повеќе го немаат мотивот, независно од етничкиот визир, да се врзат за партиска опција која ќе ги води по патот што е веќе изоден. Згора, во овој етнички политички блок и во оваа етничка матична гласачка база, иселувањето, немотивираноста и социјалната разочараност, исто така, ќе си го сторат своето во насока на изборната апстиненција.
Па, ако на пролет воопшто ги има, Македонија на избори ќе оди неподготвена. Со неизвесен вин вин епилог кој ќе води или во нова политичка криза или во некакво трауматично постизборно кризно време на меѓупартиски кошкања околу мачниот процес за состав на новата влада.
Но ајде прво да видиме дали Шпанија ќе ги пролонгира или пак избори во април сепак ќе има.
Ако тоа се случи, на нив ќе победи никој.