Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и нејзиниот лидер и актуелен премиер Зоран Заев се најпопуларни меѓу граѓаните покажува најновата анкета на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во пресрет на вонредните парламентарни избори што треба да се одржат во април 2020 година.
На прашањето „доколку утре се одржат парламентарни избори за која политичка партија би гласале“, 22,1 отсто од анкетираните се изјасниле за владејачката СДСМ, со што партијата има благо водство пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ за која рекле дека ќе гласаат 20,4 проценти од испитаниците.
На третото место е ДУИ со рејтинг од 6,6 отсто, пред Алијансата за Албанците со 2,6 проценти, Левица со 1,7 отсто, БЕСА со 1,5 проценти, ДПА со 0,9 отсто и Алтернатива со 0,8 проценти. Два отсто од анкетираните во истражувањето изјавиле дека ќе гласаат за некоја друга партија.
Вкупно 13,8 проценти од испитаниците одговориле дека не знаат за кого ќе гласаат, 12,6 отсто рекле дека нема да излезат на гласање, 2,8 проценти дека ќе го поништат гласачкото ливче, а 12,2 отсто одбиле да одговорат на прашањето.
Гледано низ призмата на етничката припадност, ВМРО-ДПМНЕ е партија со најголема поддршка меѓу Македонците (27,9 проценти), пред СДСМ за која се изјасниле 24,3 отсто од испитаниците од оваа етничка група. ДУИ, пак, е најпопуларна партија меѓу Албанците (30,3 проценти), пред СДСМ (13,6 отсто), Алијансата за Албанците (11,8 проценти) и БЕСА (7,1 отсто).
Кога станува збор за популарноста на политичарите, најголема доверба меѓу анкетираните од 16,5 проценти ужива премиерот Зоран Заев, пред лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кому најмногу му веруваат 14,2 отсто од испитаниците.
По нив следуваат лидерот на ДУИ, Али Ахмети со рејтинг од 6,9 проценти и претседателот на државата Стево Пендаровски во кого најголема доверба имаат 4,2 отсто од анкетираните. На министерот за надворешни работи Никола Димитров и лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села најмногу има веруваат по 2,3 проценти од испитаниците, а сите останати политичари имаат рејтинг помал од еден отсто.
Дури 41,3 отсто од испитаниците рекле дека немаат доверба во ниту еден политичар, 5,5 проценти одбиле да одговорат на ова прашање, а три отсто одговориле со не знам.
Анализирано по етничка основа, Македонците најголема доверба имаат во Мицкоски (19,3 проценти), по што следува премиерот Заев за кого се изјасниле 17 отсто од анкетираните припадници на оваа националност. Меѓу, Албанците, најголем рејтинг има Ахмети (31,8 проценти), пред Заев (13,7 отсто) и лидерот на Алијанса за Албанците, Села (10,4 проценти).
Дури 45,5 отсто од Македонците сметаат дека ниту еден политичар не ја заслужува нивната доверба, додека со ваков став се 23,4 проценти од етничките Албанци.
Мнозинство од испитаниците или 64,5 отсто одговориле дека сегашната Влада не ги исполнила нивните очекувања, при што 53,9 проценти од нив сметаат дека таа не заслужува да биде реизбрана во април, но од друга страна 58,7 отсто сметаат дека ни опозициската ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да ја води следната Влада.
Податоците за истражувањето биле прибирани со теренска анкета во периодот од 15 ноември до 1 декември 2019 година на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, а ја спровела агенцијата „М-проспект“.