Во саботата, околу 22.00 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Емил Јакимовски, попознат како Гусарот (38) од Крива Паланка поради тоа што заедно со уште две лица извршил кражба на над 50 различни предмети од бензинска пумпа во Куманово.
Според извештајот на МВР, тој и двете лица искористиле прилика кога на бензинската пумпа имало повеќе луѓе и во неколку наврати ги одзеле предметите и ги ставиле во патничко возило „сузуки гранд витара“ со бугарски национални ознаки, кое било паркирано пред пумпата.
Тие биле забележани од вработените по што била повикана полиција и агенција за обезбедување. Е.Ј. бил лишен од слобода, додека при преглед во возилото биле пронајдени предметите. По приведувањето во СВР Куманово, Е.Ј. почнал да се однесува агресивно и физички нападнал еден полициски службеник.
По преземени мерки, во врска со настанот биле приведени и Д.М.(33) и С.С.(36), двајцата од Крива Паланка. По целосно документирање на случајот против тројцата ќе биде поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „кражба“, додека против Е.Ј. ќе биде поднесена и кривична пријава поради „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Гусарот е познат по тоа што сака да се слика на спортските трибини и со високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ.