Најмалку девет лица загинаа, 950 домови се уништени, а пет милиони хектари земја во минатите пет месеци изгора во пожарите кои беснеат во Австралија.
Нов Јужен Велс е најмногу погоден, каде изгореа околу 850 куќи.
АП пренесува дека во средата во Нов Јужен Велс, вклучително и Сиднеј, временските услови се малку поповолни, но дека и натаму во државата горат повеќе од 70 пожари.
Во Нов Јужен Велс беше прогласена вонредна состојба која на сила е до вечерва.
Околу 2.000 пожарникари со 400 возила се борат против пожарите. За викендот, се предвидуваат повисоки температури, што нема да придонесе за гасење на пожарите, а во Сиднеј температурата се очекува да достигне 31 степен Целзиусов, а во предградијата до 41 степен.
Австралискиот премиер Скот Морисон во божиќната порака спомна двајца пожарникари, Џефри Китон (32) и Ендру О`Дваер (36), кои минатата недела загинаа при гасење пожар југозападно од Сиднеј.
Морисон беше мета на критики бидејќи за време на пожарите во неговата земја замина на одмор на Хаваи, од каде се врати порано во саботата навечер.
Тој најави дека пожарникарите ќе добијат 20 дена платено отсуство поради тоа што со денови се бореа со огнот, покрај годишниот одмор и боледувањето.
Summer in Australia when it all goes wrong – please pray for our fire fighters https://t.co/pcOqAUZBek
— Rod Rance (@roger48ramajets) December 25, 2019