Треба да има измени не само во Законот за семејството, него и во Кривичниот законик и Законот за социјална заштита, вели адвокатката Весна Тренкоска Апостолски во разговорот за Женски печат.
За жал, сè повеќе се актуелни и почести разводите. Јас во моето досегашно искуство не можам да кажам дека жените кои се разведуваат бараат повеќе жена адвокат да ги застапува. Во мојата адвокатска канцеларија има подеднакво и мажи и жени кои ги застапувам во бракоразводните парници, вели Тренкоска Апостолски.
На прашањето зошто жените сè почесто се тие кои бараат развод, таа вели дека смета оти жените се оние кои бараат сè почесто развод затоа што сметаат дека се рамноправни со мажите и се исто толку силни за да можат да ги истрпат последниците од разводот и да отпочнат живот сами, со или без децата.
– Жените се похрабри. Во современите бракови во кои доаѓа до развод сметам дека жената не сака да молчи и да потиснува за она што и пречи односно да „голта“. Кога таа во својата кариера е исто успешна како нејзиниот сопруг или поуспешна од него, а паралелно го води успешно и домаќинството и децата, смета дека не и е потребен некој до неа кој можеби ќе ја уназадува, ја прави несреќна или е на нејзин грб на издржување. Луѓето и партнерите се посебични. Не мора секогаш причината за развод да е неверство. Има многу бракови кои се разведуваат, кои велат дека „не им оди“. Но, сметам дека и двајцата брачни другари се оние кои треба да ги балансираат работите и да наоѓаат време за себе, без обврски, грижи и деца барем и на неколку часа неделно да се забавуваат меѓусебе.
Лично мислам дека жената, колку и да е јака и успешна, таа сепак е жена. Таа е „вратот“ и треба да ги балансира работите, бидејќи и сопругот и децата сите се зависни од неа, од нејзиното внимание, од нејзината грижа, а од друга страна пак, ние жените сме среќни кога го правиме нашето семејство среќно и кога го удоволуваме.
Кога доаѓа до развод, најтешката задача ја има сепак жената и во однос на секојдневните обврски, но и во однос на подигнувањето на децата. Нејзината грижа е секојдневна, 24- часовна и не може да се мери со викенд гледање на таткото. Дури и кога детето е кај таткото, мајката постојано мисли дали јадело, дали спиело. Сметам дека кај мажите не е така. Тие по разводот продолжуваат ергенски живот. Од овие причини, но и поради доброто на децата и нивен правилен раст и развој доколку има можност за поправка и решавање на проблемот на маса, бракот да продолжи. Секој од нас имал проблеми во браковите. Имале и нашите родители, па ги надминувале. Во современите бракови никој никого не трпи. Од мала караница, едниот ги пакува куферите и бракот завршува.
Секако дека не поддржувам бракови кадешто има семејно насилство, агресија и телесни повреди. Но, секој треба да брои до десет пред да преземе било каква активност. Бидејќи децата се оние кои се жртви на овие современи бракови. Во нивните главчиња таа современост не се совладува така лесно, вели Тренкоска Апостолски.
Целиот текст ТУКА.