Аналитичарот Махи Несими, тврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да се жали за донесувањето на законите со скратена постапка кои се предложени во последната седница во Собрание. Во емисија Отворено Студио на ТВ ШЕЊА со новинарот Арбен Зеќири, гостинот во студиото, Несими, потсети дека, на многу поостар начин, токму ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ, во 2008 година ја употребија скратената постапка изгласувајќи 172 закони без присуство на опозицијата во Собранието. Овој скандал, потсети Несими, беше забележан и во тогашниот извештај на ОБСЕ-ОДИХР.
„Во 2008, пред да се формира владата, немаше опозиција бидејќи СДСМ не ги прифати изборните резултати, а и ДПА го бојкотираше Собранието. Во тој период не се знаеше кој предлага закони бидејќи министрите на ДПА кои беа до избор на нова влада, не предложиле закони, а владата предлагаше закони иако министри немаше. Во тој период, за 2 месеци се изгласани 172 закони со скратена процедура.
Овие 172 закони што беа изгласани во тој период беа потенцирани и во извештајот на Европска Комисија за 2008 година. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ немаат право да кажат било што во врска со скратените процедури. Тие можат да имаат забелешки, но истото тие претходно го направиле на многу поостар начин“, рече Несими.
Што се однесува до прашањата на коалицирањето меѓу ВМРО-ДПМНЕ и партиите на Албанците, Несими има специфичен став. Тој смета дека албанските партии, како што вели, оние кои навистина сакаат да работат за доброто на Албанците, треба јавно да побараат од ВМРО-ДПМНЕ, преку резолуција, произлезена од највисоките партиски органи, да им се извини на Албанците за антиалбанската политика од 1990-та година наваму.
„Ако албанските партии не го направат тоа, тогаш ќе докажат дека нив ги интересира само да дојдат на власт. Ако ВМРО-ДПМНЕ не го направи ова, треба да знае дека албанските партии нема да коалицираат со нив, па дури и да добијат 65 пратеници, нема да формира влада со Албанците. Некој ќе каже што е таа антиалбанска политика што ја имаше ВМРО, а не и СДСМ? Три столба на политичкото дејствување на ВМРО од 1990 се антикомунизмот, пробугаризмот и антиалбанската политика. ВМРО-ДПМНЕ ја докажала антиалбанската политика со конкретни дејствија, има десетици случаи кога ВМРО-ДПМНЕ јасно се појавува како антиалбанска“ – рече Несими.