Извршителите денеска не се на работа, не извршуваат туку штрајкуваат.
Тие остро негодуваат на новиот тарифник што го предлага Министерството за правда, а треба да се најде на владин дневен ред утре, кој предвидува наградата за извршителите да не биде поголема од 300 евра наместо досегашните 1.000 евра.
Исто така, од ресорното Министерство предлагаат и да има репрограмирање на долговите на граѓаните, отпис на каматите и да се намали извршувањето врз приходите од една третина на една петина.
Претседателот на Комората на извршители на Република Северна Македонија (КИРСМ), Зоран Димов за МИА потврди дека денеска ќе има еднодневен прекин во работата и се надева дека сите извршители ќе ги затворат своите канцелариите.
Во синоќешното соопштение Комората на извршители наведе дека остануваат на одлуката од 23-ти овој месец со која изразуваат незадоволство со предлогот на надлежното Министерство за правда за корекција односно намалување на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите.
– Особено Собранието на извршителите изразува незадоволство за повторното намалување на тарифата во тековнава година, а исклучиво од причина што со таквиот предлог извршителските канцеларии се доведуваат во финансиска несолвентност, стои во соопштението.
Граѓани обединети во Иницијативата „Стоп за извршители“ веќе неколку месеци протестираа пред Министерството за правда. Револтирани од работата на извршителите, тие на протестите бараа запирање на блокирањето на сметките, ограничување на времетраењето на наплата на долгот и регулирање на застареноста на долговите.