Човек што не бил цивил во изминатите три години не може да раководи со МВР и одбрана, изјави за „360 степени“ професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, која е и стратешки советник на Христијан Мицкоски, цитирајќи го членот 97 од Уставот.
„Ако лицето е сè уште во Министерството за одбрана, не може. Според Уставот, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата да раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, изјавила Силјановска – Давкова за „360 степени“.
Професорката по втор пат ја контактирала редакцијата и рекла дека „предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не е преседан, бидејќи и досега имало случаи кога на овие позиции биле именувани лица токму од областа на одбраната и разузнавањето“.
Како примери ги посочила поранешните министри за внатрешни работи Силјан Аврамовски и Митко Чавков и актуелниот заменик-министер за одбрана Беким Максути.