пишува: АРБЕН ЗЕЌИРИ
Интересни коалиции се „крчкаат“ во редовите на албанските партии во пресрет на предвремените парламентарни избори. Различни комбинации, преговори и предлози се на маса. Помалите партии разгледуваат разни комбинации, некои размислуваат и за коалиција со СДСМ, но ниедна етнички албанска парламентарна партија не сака коалиција со ДУИ.
Пред Алијансата за Албанците се три сценарија, од кои најпримамливо им е сценариото кое изгледа најтешко за реализација. Зијадин Села сака да коалицира со двата субјекти излезени од Движењето Беса, онаа која ја води Биљал Касами и го држи сè уште името на партијата и новоформираната Алтернатива предводена од Африм Гаши.
Но високите структури на двете партии не се во добри односи, двете сакаат со Села но ниту една не ја сака другата како трет партнер во коалицијата. Во ваква ситуација, на Села му преостанува да бира меѓу Беса и Алтернатива. Средината на јануари е крајниот рок до кога овие три партии ќе можат да ги прават и последните проценки за конечна одлука.
Од друга страна, претседателот на ДПА, Мендух Тачи, уште пред неколку недели, изјави дека пропаднале разговорите за коалицирање со Движењето Беса.
Вчера, по Централното собрание тој извести дека е поблиску до коалиција со СДСМ, образложувајќи го тоа со успесите на актуелната владина коалиција. Но ниту Тачи, ниту Села, ниту лидерите на другите партламентарни партии не сакаат да коалицират со ДУИ на Али Ахмети.
Во неколку наврати, сите албански партии признале дека коалициите за заеднички листи се прават со цел да ја симнат ДУИ од власт.
Од друга страна, од партијата на Ахмети излегоа со контрадикторни изјави на оваа тема. Артан Груби веќе најави дека ДУИ на избори ќе настапи самостојно, а вицепремиерот Бујар Османи во една телевизиска емисија тврдеше дека уште нема одлука и ги разгледуваат можностите.