Кога политичка партија ќе предложи човек со пријава за кривично дело за злоупотреба на службена положба и овластување за технички дополнителен министер, тоа значи дека се ослободува од него и го пушта низ вода. Но штетата е поголема бидејќи тој нема да замине сам туку ќе повлече и други кои се околу него, пишува министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Трајан Димковски по повод скандалот со кривичната пријава што ја имал дополнителниот заменски министер предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски.
Станува збор за вчера објавениот скен, извадок од кривична пријава за Цветан Трипуновски, технички заменик-министер за земјоделие од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од која се гледа дека против него постои кривична пријава за злоупотреба на службената должност со што, заедно со уште две службени лица, го оштетиле министерството за 117.000 евра.
Ова е втор скандал врзан за името на Цветан Трипуновски во последниве два месеци. Неодамна заменскиот министер за земјоделство Трипуновски, како што може да се примети од партиското соопштение, а објави и Фронтлајн, не знае да направи разлика помеѓу поврат на ДДВ и поврат на персонален данок од доход.
Ј. Ѓорѓиоски