„Аспирантот за министер за земјоделство толку е збунет што не прави разлика помеѓу персонален данок и ДДВ“, реагира министерот за земјоделие Трајан Димковски на соопштението од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, а се однесува за повратот на персоналниот данок на доход за земјоделците .
Имено, како што може да се примети од Соопштението, Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ не прави разлика помеѓу поврат на ДДВ и поврат на персонален данок од доход.
„Да му биде јасно, се отпочна постапка за враќање на Персонален данок на земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност кои имаат остварено приходи до еден милион денари.
ДДВ Цветане е друго!“, пишува монистерот за земјоделие Трајан Димковски.
Инаку, вчера започна повратот на персоналниот данок на доход за земјоделците. Со оваа мерка до крајот на годината, 80 милиони денари ќе им бидат исплатени на околу 17.000 земјоделци.
Овие пари се враќаат директно на сметките на земјоделците коишто оствариле приходи од продажба на земјоделски производи до 1 милион денари и немаат друг приход што се оданочува. Граѓаните кои остваруваат приходи единствено од земјоделска дејност може да добијат поврат во износи и до 20.000 денари.
Повратот се однесува за приходот од продажба на земјоделски производи кои земјоделците го оствариле во 2018 година.
Ј. Ѓ.