Бодрени од околу пет илјади навивачи кои „Штадхале“ ја обоија во „црвено-жолто“ капитенот Кирил Лазаров и соиграчите одиграа прво полувреме со цврста одбрана и само девет примени гола. Предноста од два гола (7:5) која беше создадена по дваесетина минути, македонските ракометари ја имаа уште во три наврати и ја задржаа до крајот на првиот дел кој заврши 11:9.
Целосно различна слика на почетокот на второто полувреме и по само седум минути Чесите негативата од два гола ја претворија во позитива од три погодоци (15:12). Следуваа два гола на Лазаров по што Македонија не реализира и напад за израмнување на резултатот. Чешка на 15 минути пред крајот повторно имаше плус три (18:15), а во 50. минута и 22:18. Со серија од 4:0 на Македонците, на семафорот во 55. минута стоеја четири двојки (22:22).
Драмата во последните пет минути им припадна на чешките ракометари кои направија голем исчекор кон следната фаза.
Најефикасен играч на натпреварот беше Кирил Лазаров со 11 гола.
Македонската ракометна репрезентација го претрпе првиот пораз на Европското првенство 2020, откако загуби од Чешка со 27:25.
Десното крило на македонската ракометна репрезентација верува дека во вторник може да се победи Австрија и да се обезбеди место во втората фаза на Европското првенство.
– Очекувавме тежок меч со Чешка. Нијанси решааваа. Се боревме до самиот крај. Не треба тука да застанеме. Одиме позитивни и оптимистички настроени со Австрија. Да се одмориме добро и да одиме на победа. Австрија повеќе ни „лежи“ од Чешка, изјави Георгиевски.
Според пивотот на македонската ракометна репрезентација, Стојанче Стоилов, денешниот пораз од Чешка (25:27) не значи и крај на надежите за пласман во втората фаза на Европското првенство.
-Ништо не е загубено. Имаме уште еден натпревар кој треба да го добиеме. Имаме шанси. Ние промашивме, они дадоа и тоа е тоа. Од овој натпревар треба да извлечеме поука, да даваме голови кога имаме шанси, порача Стоилов.
По двата настапа во Б-групата на ЕП, Македонија има една победа и еден пораз.