Дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, денеска одржа прес-конференција во Владата, на која изјави дека нема да дозволат граѓаните да бидат жртви на партиските препукувања во овој предизборен период.
„МТСП доби нова техничка министерка и дополнителна заменик-министерка. Сакаме да ги увериме граѓаните дека ова нема да има никакво влијание и нема да се одрази негативно врз нив и реформскиот процец. Сите права од областа на социјалната, детската заштита, социјалната заштита ќе продолжат да си се исплаќаат редовно, соодветно претходната динамика“, изјави Шкријељ.
Таа додаде дека спроведената социјална реформа е една од најуспешните политика на оваа Влада и бројките го кажуваат тоа.
„Над 27.000 семејства земаат во просек над 300 проценти поголем износ на социјална помош, над 27.000 деца земаат детски додаток, а право на социјална пензија користат 4170 лица“, рече Шкријељ.
Заменик-министерката ја повика и техничката министерка Рахела Мизрахи на конструктивност и да работат заедно во интерес на граѓаните.
„Граѓаните секогаш ќе ни бидат на прво место, особено најранливите и нема да дозволиме позитивниот реформски процес да застане“, додаде таа.