Завршуваме со изградбата на водоводот во Визбегово со што значително ќе се подобрат условите за работа во индустриската зона. Деновиве започнуваме и со изградба на канализациониот систем, вкупна инвестиција од преку 4 милиони евра, потенцира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Во индустриската зона Визбегово работат околу 200 компании, а има интерес за изградба на капацитети и од други стопанственици.
Во изјава за ФРОНТЛАЈН.МК министерот Сугарески истакна дека многу е важно да се реализира до крај овој проект, затоа што не само што ќе се овозможат подобри услови за работа на постоечките компании, туку и ќе создадат услови да се привлечат што повеќе домашни и странски инвестиции во општина Бутел.
Сугарески нагласи дека и изградбата на канализациониот систем што ќе започне деновиве ќе финишира во предвиденото време, како што впрочем било и ветувањето, со што овој проект да се заокружи на задоволство на сите инвеститори во индустриската зона Визбегово.
Тоа ќе значи економски бенефит за општината и за сите нејзини граѓани, додаде Сугарески.
Минатата година Министерството за транспорт и врски ја заврши со 86 проценти реализација на капиталните инвестиции.
„Резултатите од сработеното во минатата година ни даваат дополнителен стимул и оваа 2020 година ќе се работи уште повеќе, независно од изборниот процес, се со цел да се надминат и овие бројки и повторно овој сектор да забележи одлични резултати во изградба на инфраструктурата во државата.“, заклучи во изјавата за ФРОНТЛАЈН министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Ј. Ѓорѓиоски