Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска од седиштето на Државната изборна комисија (ДИК) упати порака до сите учесници на претстојните предвремени парламентарни избори за важноста од организирање на фер, демократски и слободни избори, имајќи предвид дека земјата треба да добие датум за почеток на преговори.
– Овојпат е специфично затоа што некако коинцидира времето на вонредниот извештај што го очекуваме во февруари и одлуката за започнување преговори на пролетниот самит на ЕУ со целата подготовка, па дури и почетокот на кампањата на овој изборен процес, па и оттука потребата, односно важноста овој изборен процес да биде според највисоките европски демократски стандарди со цел да покажеме зрелост како држава која што и ја покажувавме во сите претходни изборни циклуси во последните неколку години. Навистина ние сме европска демократска земја која што заслужува да биде дел и од ЕУ, рече Османи по средбата со членовите на ДИК.
Османи рече дека секогаш кога ќе дојде во ДИК кажува дека најважно е да имаме фер и демократски избори заради интегративниот процес, меѓутоа, како што истакна, „овојпат е навистина тоа така“.
-Овојпат е навистина така затоа што пресвежа ќе биде во меморијата на сите земји – членки кога ќе се разговара за нас во март, а на 26 март ќе биде четвртиот ден од изборната кампања. Значи секое отстапување, секоја девијација од нормален изборен процес што и доликува на една европска држава ќе биде свежа во сеќавањето на земјите – членки кога ќе ја носат одлуката, рече вицепремиерот.
На сите учесници во изборите им порача дека одговорноста е на сите и оти е многу поголема отколку за кој било друг процес.
– Треба да покажеме зрелост да одговориме на таа одговорност. Задоволство ми беше што од ДИК добив информација дека се со сите потребни капацитети за одржување фер и демократски избори па дури ги надминале и одредените технички потешкотии што ги имале во минатите изборни циклуси и дека очекуваат навистина фер и демократски избори, изјави вицепремиерот.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски истакна дека секој од учесниците треба да си ја земе сопствената одговорност за организирање на изборите и граѓаните слободно да ја изразат својата волја и да излезат на гласање и да го остварат своето право на глас.