Дали усвојувањето нов закон за Jавно обвинителство е услов што реално ќе влијае врз одлуката дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ или е само значаен гест што ќе потврди дека земјата достигнала демократска зрелост, пишува Слободен печат.
Ако е клучен услов за датум, како што навестува францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, тогаш дали и колку лидерот на СДСМ Зоран Заев ќе се труди да ги задоволи барањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која објави дека нема да гласа за ниедна варијанта на текстот на законот? Што значи неговата изјава дека е подготвен на отстапки „сè додека тоа го дозволува правосудниот систем“?
Според аналитичарите, подобро е и да не се донесе законот отколку со евентуалните отстапки на СДСМ кон опозицијата да се загрозат предметите што го водеше Специјалното јавно обвинителство, а кои сега се во Јавното обвинителство. На ваквата опасност предупреди професорот Денко Малески во последната колумна. „Кога Унијата инсистира на закон за ЈО поддржан од двете партии, таа мора да е свесна дека по толку години влечкање на судските процеси, само со простување на криминалот откриен во прислушуваните разговори е можно опозицијата да се согласи да го поддржи текстот на законот“, напиша Малески.
Аналитичарот Насер Зибери смета дека нема голем маневарски простор околу содржината на законот, особено не околу предметите што ги водеше СЈО.
– Тие предмети не треба да бидат доведени во прашање по никоја цена, како и владеењето на правото, а за другите забелешки во законското решение треба да се направи напор. Ниту ЕУ не може да нè притиска да се донесе закон што е во спротивност со европските принципи. Во врска со потребата за компромис од сите партии, никаде не е поставен услов дека за законот за ЈО мора да гласаат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Законот се носи со 80 гласа, без оглед од која партија се пратениците, а ако не ѝ се допаѓа на опозицијата, нека го менува ако дојде на власт – вели Зибери за „Слободен печат“.
И аналитичарот Петар Арсовски не очекува дека Заев ќе дозволи да пропаднат предметите на СЈО во пазарењето со ВМРО-ДПМНЕ.
– Во моментот јавното мислење е повеќе на штета на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што преовладува сознанието дека таа го кочи законот. Второ, уништувањето на предметите на СЈО во очите на меѓународната заедница е полошо отколку да не се донесе закон. Така што, ако единствениот услов што опозицијата му го поставува на СДСМ е пропаст на предметите на СЈО, тогаш верувам дека СДСМ нема да го дозволи тоа и по цена оваа година да не добиеме датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Мислам дека СДСМ може да направи една отстапка, а тоа е да дозволи да се изврши ревизија на сите предмети што се работени од СЈО и да се поништат тие во кои ќе се утврдат злоупотреби. Тоа може да се вгради во новиот закон и да се изгласа како обврска за понатаму – вели Арсовски за „Слободен печат“ и додава дека СДСМ може да му дозволи на ВМРО-ДПМНЕ да ја состави комисијата што ќе ги ревидира предметите од СЈО.
Целиот текст ТУКА