Низ годините примав неколку видови на лекови, но заради природата на болеста, нејзината активност и прогресија истите беа менувани. Од неодамна се лекувам со најсовремена иновативна и високоефикасна терапија. Исклучително ме радува фактот што лекови за мултипла склероза се достапни за сè поголем број пациенти. Моментално се лекуваат 534 пациенти што е зголемување за 47% наспроти пред 2 години (362). Исто така за 263% е зголемена и достапноста на високоефикасните лекови за истиот период, 109 наспроти 30 пациенти, вели Ана Карајанова – Димитрушева, пациентка со мултипла склероза и претседателка на Националното Здружение за помош и поддршка на лица со МС.
Таа вели дека сè голем број млади работоспособни луѓе секојдневно се дијагностицираат со мултипла склероза и имаат потреба од лекови за да продолжат да функционираат како едуцирани граѓани, остварени семејни лица и родители, лица кои би придонесувале на општеството со својот потенцијал.
„Верувам дека современата грижа и зголемената достапност на лекови ќе продолжат во иднина и ќе им овозможи на лицата со мултипла склероза достоен живот, живот кој нема да биде одреден од болеста, туку од можностите“, рече Карајанова.







