Поранешниот НБА кошаркар Коби Брајант загина во хеликоптерска несреќа, јави најпрво Ти-ем-зи, а потоа веста ја презедоа речиси сите светски агенции, портали и други медиуми.
Коби Брајант загинал во хеликоптерска несреќа, близу Калабасас, Калифорнија. Според американскиот медиум Ти-Ем-Зи, Брајант бил дел од екипаж со пет луѓе во хеликоптер недела наутро, близу Калабасас, во сојузната држава Калифорнија. Засега не е позната причината за несреќата, а Си-ен-еН објави дека пожарникарите го изгаснале оганот и ги откриле телата на сите загинати.
Никој од петтемина патници не ја преживеал несреќата, но наводно сопругата на Коби, Ванеса не била во хеликоптерот.
Коби Брајант имаше 41 година, беше татко на четири ќерки, Џана, Наталија, Бјанка и новородената Капри.
Дваесет сезони играше за Лос Анџелес Лејкерс, почнувајќи од 1996 годна, пет пати стана шампион на НБА-лигата, двапати беше МВП на финалето, а во 2008 беше МВП на регуларната сезона. Со 33.643 поени во кариерата беше трет стрелец на сите времиња, но токму синоќа Леброн Џејмс го надмина за 12 оставајќи го на четвртата позиција.
Коби Брајант веднаш се огласи, откако Леброн го престигна и на Твитер синоќа напиша. „Продолжуваш да ја носиш играта напред. Многу почит мој брате!“
Коби често како превозно средство го користеше хеликоптерот, уште во годините кога играше активно.