Швајцарски искуства ќе се користат со цел да се зголеми интересот кај младите за средното стручно образование и невработените лица да се стекнат со потребните вештини за полесно да најдат работа.
За таа цел денеска Министерството за економија потпиша меморандум за соработка со Швајцарската амбасада за проектот „Образование за вработување“ кој ќе се реализира преку Програмата за конкуретност и иновативност.
– Како Министерство за економија секојдневно сме во контакт со бизнис заедницата. Моментално се покажува дека има дефицит од кадри во стручните насоки и затоа како Министерство ќе направиме напори да им овозможиме на младите да најдат работа по завршување на образованието, но од друга страна и да бидат квалификувани за таа работа, рече Бектеши по потпишувањето на Меморандумот.
Според швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада, вклучувањето на приватниот сектор во подобрување на работните вештини е значаен аспект во системот на образование.
– Во 2019 година нашиот проект соработуваше со 16 компании во Северна Македонија во кои тренинг имаа 600 невработени лица во соработка со училиштата. Повеќе од 350 лица веќе се вработени и вклучени во подобрување на конкурентноста на компаниите кои ги ангажирале, рече амбасадорката Зутер Техад.
Недостигот на стручен кадар е една од забелешките на бизнис секторот поради што државата се обидува преку дуалното образование, зголемувањето на интересот на младите за средното стручно образование и преквалификација на невработените лица да го надмине овој проблем.