„Најголеми закани за животната средина и како да се справиме со нив“, беше темата на која се дискутираше на денешната работна средба со ученици и наставници од ООУ “Гоце Делчев“, кои заедно со своите гости од партнерските училишта од Латвија, Данска, Италија и Турција, како дел од проектот на програмата Еразмус +, ја посетија Општина Прилеп.
Општина Прилеп се залага екологијата да биде еден од приоритетите во нашето работење, заради што во континуитет преземаме мерки да ја заштитиме животната средина, да имаме чист воздух и чиста и здрава вода за пиење, истакна градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.
„Во 2018 ја пуштивме во употреба пречистителната станица за отпадни води, со што добивме поквалитетна и почиста вода за наводнување на земјоделските и градинарските култури.
Во сите градинки, основни и средни училишта се погриживме да ја регулираме енергетската ефикасност со промена на дограмата и поставување на фотоволтаици, а минатата година набавивме 4 автобуси на метан.
Оваа година Советот на општина Прилеп оддели средства во висина од 6 милиони денари за субвенционирање на инвертер клими и велосипеди за граѓаните.
Во 2018 година нашата општина беше прогласена за најдобра еколошка Општина, додека градот е лидер во примарната селекција на отпад.“ потенцира градоначалникот Јованоски.