По објавите во некои медиуми (Инфомакс и Нетпрес) дека во скопското село Лисиче деновиве се поставуваат темели за изградба на џамија, од Општина Аеродром реагираа дека веста е лажна.
„Првичната официјална информација дека СДСМ одобрува градба на џамија во овој дел на Скопје, каде што нема мнозинство од граѓани муслимани, излезе на 30-ти август 2018-та година. На улица „Божин Николов“ во Лисиче, зацртано е и заверено да се гради верски објект-џамија“, објави Курир, а потоа веста ја презедоа повеќе портали.
Но, од Општина Аеродром реагираа дека тоа не е точно, дека во Лисиче не се гради ни џамија, ниту некој друг верски објект.
„Не само што не се гради џамија или некој друг верски објект, туку нема ни предвидено изградба на нови верски објекти во деталните урбанистички планови за целата територија на Општина Аеродром.
Исто така, инспекциските служби на Општина Аеродром се константно на терен и спречуваат диви градби на нејзина територија“, стои во реакцијата од Општината.
Б. Б.