Со забрана не се решаваат работите во животната средина, туку со регулирање и мониторирање и со интегрирана акција базирана на наука. Ова не е решение, ова е само популизам, рече заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули во однос на барањето итно да се изласа закон за забрана на увоз на отпад што се користи како гориво. Предлогот го достави ДОМ, а активисти од движењето „Петоци за иднината“ вчера протестираа барајќи тој да се стави на дневен ред во Собранието, пишува Граѓански збор.
На гостување во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5 вчера, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули рече дека РДФ што Цементарницата Усје го користи како енергенс не е опасен отпад и не е извор на аерозагадувањето како што се тврди.
-РДФ-от е неопасен отпад кој се добива од различни комбинации на отпад – комунален, индустриски, од текстил, од калта од пречистителни станици… Тие хемиски се обработуваат и се создава алтернативно гориво. Добро е државата да има свој погон што ќе произведува РДФ за да може да го контролира уште повеќе и посигурно. Тоа требаше да го направи Дрисла. За жал, тие не го исполнија договорот и една од обврските за да може од отпадот што го имаме да не се создаваат купишта, туку да се преработи и тој отпад да го нема, рече Макрадули.
Според него, неточни се тврдењата дека е забранет во ЕУ и посочи дека во цементарниците во Шведска и Норвешка РДФ се користи 60-70 отсто.
-Во Србија е забрането, но не и во Хрватска, Чешка и во Албанија како што велат, рече заменик-министерот. Додаде дека е лицемерно што протестите ги поддржуваат и пратеници од опозицијата затоа што дозволата за да користи РДФ-отпад Цементарница Усје ја добила токму во времето на ВМРО-ДПМНЕ кога МЖСПП им одобрило да увезат 25 илјади тони.
Дозвола за увоз на отпад кој се користи како енергенс имаат цементарницата Усје и ФЕНИ, но минатата година неа ја искористила само Усје.