Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот со нож во јужен Лондон во кој три лица се повредени додека вооружениот напаѓач беше убиен, објави денеска агенцијата „Амак“.
„Сторителот на вчерашниот напад во јужниот лондонски округ Стритам е борец на Исламска држава и го изврши нападот како одговор на повиците за одмазда врз граѓаните на коалиционите земји“, се вели во соопштението на „Амак“, иако Исламска држава не наведе конкретни докази за ваквите тврдења, пренесе „Ројтерс“.
Напаѓачот, кој беше убиен од полицијата откако прободе три лица со нож, бил идентификуван како Судеш Аман (20) и бил пуштен од затвор во јануари, каде отслужувал казна поради тероризам.
Тој претходно ја фалел идеологијата на Исламска држава и ја поттикнувал неговата девојка да им ги пресече главите на нејзините родители.
Според извештаите, Аман влегол во продавница и почнал да боде луѓе со нож, а потоа излегол на улица и прободел една жена.
Повредени се три лица, но ниту едно не е во животна опасност.





