„Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси има надлежност да ги следи изборните кампањи и финансирањето на политичките партии. Колку се капацитетите на ДКСК веќе сите знаат, меѓутоа ние сакаме со помош на нашите алатки да ја надминеме оваа слабост.
Веб-порталот во кој беше евидентиран Регистарот на службени возила ќе го обновиме, ќе испратиме нов барања до институциите. Веб –порталот каде граѓаните можеа да пријавуваат неправилности ќе биде активен со тоа што тука ќе ставиме акцент на поткуп на гласачи затоа што имаме сознание дека тоа може да биде голем ризик од корупција“, изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК за ЦИВИЛ Медиа.
Во контекст на предвремените парламентарни избори, Ивановска посочи дека многу ќе биде значајна соработката со невладините организации, како што е и ЦИВИЛ, што имаат свои набљудувачи на изборниот процес од аспект на насочување на главните цели на ДКСК што треба да се следат во текот на изборната кампања. Ивановска, истакна дека ваквата соработка е битна во помошта што можат тие да ја пружат во посочување на сè она што е присутно како рекламен материјал, каде се одржуваат кампањите, кој јавен простор се користи…
„До сега не сме добиле таков случај, уште, официјално, не е почната изборната кампања. Би ги замолила граѓанките и граѓаните да обезбедат соодветни докази за корупција, да не биде само како набедување поради некако лично чувство, туку едноставно сè да си биде добро аргументирано. Секој граѓанин треба да знае дека на избори треба да се излезе слободно и да си гласа според своето убедување, право и волја. Значи, не треба да гласа под нечие влијание. Сè она што ќе го препознае како влијание треба да го отфрли, а доколку постојат и материјални докази за тоа веќе и да алармира“, истакна Ивановска.
Препорака на ДКСК е граѓаните секогаш да гласаат по сопствено лично убедување, а не по некое ветување за идно вработување и слично.