Со 66 гласа ЗА и 10 воздржани, пратениците во косовскиот парламент доцна попладнево ја изгласаа новата Влада на премиерот Албин Курти. Во првото обраќање како премиер, Курти рече дека власта е на народот и оти максимално ќе работи да биде во служба на граѓаните. Главна цел остануваат членството во НАТО и ЕУ, пренесе Алсат М.
Се колнам пред вас дека ќе го дадам максимумот од способностите и од мојот капацитет за доброто на сите граѓани без никаква разлика. Од денеска без оглед за кого сте гласале, ќе бидам премиер на сите вас и ќе го слушам вашиот глас, особено кога нема да се согласуваме затоа што ние може да имаме различни мислења и ставови, но делиме исти соништа и иднина. Денеска почнува нашиот пат на голема и неуморна работа за да ја донесеме промената која сите ја чекавме и која ù треба на нашата земја. Денеска завршува стариот начин на водење политика преку клиентелизам, фаворизирање и монопол и почнува нова етапа на владеење со достоинство“-изјави Албин Курти, премиер на Косово.
Пратениците на опозициската Демократска партија на Косово го бојкотираа гласањето, а претходно упатија остри критики кон Самоопределување и Албин Курти.
Според договорот меѓу Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово, кабинетот на Албин Курти ќе брои 15 министерства и двајца вицепремиери. Прв вицепремиер е Авдула Хоти од ДСК и Хаки Абази од Самоопределување. Партијата на Курти ќе ги има министерствата за надворешни работи, за европска интеграција, за правда, финансии, економија и здравство, а ДСК – Министерството за образование, за внатрешни работи, одбрана, инфраструктура, земјоделство и Министерството за култура и спорт. Српската листа ќе ги има Министерството за регионален развој и Министерството за заедници, а на Групата 6+ ù припадна Министерството за локална самоуправа.
-Влада на Албин Курти;
Премиер на Косово – Албин Курти (ДСО) Движење Самоопределување
Прв вицепремиер – Авдула Хоти – ДСК
Втор вицепремиер, Хаки Абази – ДСО
Министер за надворешни работи и дијаспора, Глаук Коњуфца – ДСО
Министер за европски интеграции, Блерим Река – ДСО
Министер за правда, Албулена Хаџиу – ДСО
Министер за образование наука технологија и иновации, Хикмете Бајрами – ДСК
Министер за финансии, Бесник Бислими, ДСК
Министер за внатрешни работи и администрација, Агим Велиу, ДСК
Министер за економија, вработување, трговија и индустрија и стратешки инвестиции, Розета Хајдари, ДСО
Министер за одбрана, Антон Чуни, ДСК
Министер за инфраструктура и животна средина, Лумир Абдиџику, ДСК
Министер за земјоделство, шумарство и рурален развој, Бесјан Мустафа, ДСК
Министер за здравство, Арбен Витиа, ДСО
Министер за култура, млади и спорт, Влора Думоши, ДСК
Министерство за локална самоуправа, Емилија Реџепи (Група 6+)
Министерство за заедниците Далибор Јевтиќ – Српска Листа
Министер за регионален развој, Иван Милојевиќ – Српска Листа
За претседател на Собранието е изгласана Вјоса Османи од ДСК. По изборот на нов претседател на државата идната година, кој е договорено да биде кадар на ДСК, тогаш местото претседател на Собранието повторно ќе му се врати на Самоопределување.
Извор: Алсат М