Одлуките на Европскиот Суд за човекови права во Стразбург се најголем доказ дека судството во нашата земја има потреба за итна и квалитетна реформа. Заради неправедните одлуки на различните судови од трите нивоа, донесени години на назад, многу граѓани трпеле неправди, а за надоместок на оваа неправда, државата платила до 150 илјади евра само за последните три години.
„За 8 судски пресуди донесени во 2016 година државата била принудена да плати вкупно 55.780 евра на лицата кои поднеле тужби. За 4 пресуди донесени во 2017 од Стразбург, државата платила вкупно 49.960 евра за поднесилтелите на тужбите и во 2018 година, за 5 донесени пресуди од државниот буџет биле исплатени вкупно 40.580 за обештетување на граѓаните”, се вели во анализата подготвена од Парламентарниот Институт.
Најголемото прекшување на членовите од Конвенцијата за човекови права во Северна Македонија е евидентирано кршење на членот 6, Правото за праведно судење, оставајќи ги назад членовите за правото за слобода и безбедност, правото за почитување на приватниот и семејниот живот, слободата на изразување, заштита на имот и други права загарантирани со Конвенцијата.
„Во 2016 година Судот за Човекови права донел пресуди за 12 случаи поднесени против Северна Македонија, од физички лица, со што во 8 пресуди е констатирано некој од членовите на Конвенцијата за човекови права. Во 2017 година судот донел пресуди за 5 случаи против државата од физички лица и сите се поврзуваат со кршење на некој од членовите на Конвенцијата, додека во 2018 година осудил 7 случаи кои исто така, сите се за кршење на некој од членовите на конвенцијата”, се вели во анализата.
Судот за човекови права во Стразбург е меѓународен суд кој се собира и донесува одлуки по поднесени апликации од физички лица или држави, кои се поврзуват со кршење на граѓанските и политичките права дефинирани со Европската Конвенција за човекови права. Судот го следи почитувањето на правата на над 800 милијони европски граѓани во 47 држави, членки на Советот на Европа, кои ја ратификувале конвенцијата. Според судските и правните процедури, донесените одлуки за обештетување на граѓаните на нашата земја во последните три години, се за неправедно донесени одлуки од нашите судови во години наназад. Судот разгледува жалби откако еден случај ке ги надмине сите судски инстанци во земјава кои некогаш знаат да траат и по неколку години.
За време на објавување на нелегално прислушуваните разговори, на некои од нив се слушаше како минатата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, именуваше судии и обвинители по партиски пазарувања меѓу владините коалициски партнери, некои од нив биле евидентирани во тефтери на поранешната министерка Гордана Јанкулоска, а некои судијки добиле и Сваровски подароци од тогашните високи владини функционери.
Во тој период земјава добиваше критики од Европската Комисија и други релевантни меѓународни организации за партизирано судство и обвинителство.
А.Зеќири