Словенечкиот портал „necenzurirano.si” објави детали за политичко-разузнавачка операција што се спроведувала во триаголникот Будимпешта – Љубљана – Скопје во изминатите две години, насочена против Преспанскиот договор и македонското членство на НАТО. Според порталот, унгарскиот политички врв, преку една од словенечките банки и помагачи во Словенија, спроведува огромна меѓународна операција за политичко разузнавање и поддршка на медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ во Македонија.
Во операцијата, клучна улога играат сопственици на унгарски медиуми блиски до партијата на Јанез Јанша, СДС, финансирани во тоа време од компании од непосредниот круг на Виктор Орбан, премиер на унгарската влада. Словенечкиот портал објави дека во нивната редакција добиле документи, податоци и информации од повеќе земји.
Документите, како што пишува порталот, докажуваат дека најмалку три компании, тесно поврзани со унгарската владејачка партија Фидес, добиле најмалку четири милиони евра во само една фаза од „работењето“, во август во 2018 година од кои дознаки во износ од 1,5 милиони евра од унгарски извори остануваат во Словенија, а преостанатите 2,5 милиони евра заминале во Македонија.
Според порталот, колачот од 2,5 милиони евра го поделиле Курир, Нетпрес, ТВ Алфа и Лидер.
ЦИВИЛ Медиа се обиде да добие одговор од Горан Момироски, но тој изјави дека нема поим за што станува збор.
„Барате да ви дадам коментар за нешто за што немам појма. Пренесете му на вашиот шеф да собере храброст и да дојде во Алфа ТВ“, беше одговорот на Момироски.
Извор: ЦИВИЛ Медиа