Иако пред почетокот на вечерашната седница на Владата имаше информации дека двотретинското мнозинство е сигурно и обезбедено, извори од СДСМ велат дека „во моментот кога ќе се гласа во парламентот, ќе се знае дали има 80 гласа“, пренсе 360 °.
Владата го усвои предлог-законот за јавно обвинителство на вечерашната седница што се одолжи по полноќ. Според владини извори, усогласеното законско решение веќе е испратено во Собранието и се очекува да се најде на дневен ред на пленарна седница в среда, 12 февруари – кога е планирано да се одржи и седницата за распуштање на парламентот. Првичните најави беа дека целата процедура може да заврши за еден ден, односно в понеделник.
Иако пред почетокот на вчерашната седница на Владата имаше информации дека двотретинското мнозинство е сигурно и обезбедено, извори од СДСМ велат дека „во моментот кога ќе се гласа во парламентот, ќе се знае дали има 80 гласа“, колку што се потребни за законот да биде донесен. Според изворите, ситуацијата е чувствителна и дел од пратениците кои не се дел од владејачката коалиција, наводно се соочуваат со притисоци, како и при донесувањето на уставните измени. Оттаму и произлегува неизвесноста околу стабилноста на потребното двотретинско мнозинство.
На седницата вчера вечер, според информациите на „360 степени“, до последен момент се усогласувале ставовите меѓу министрите од СДСМ и од ДУИ. Министрите од партијата на Ахмети барале Бадентерово мнозинство за избор на обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Дел од барањата на ДУИ се прифатени и се очекува поддршка од пратениците од оваа партија за конечната верзија на законското решение.
СДСМ смета и на поддршка од поголем дел од независните пратеници, кои пред почетокот на владината седница ги презентираа решенијата вметнати во законскиот текст на нивно барања. Лидерот на СДСМ Зоран Заев соопшти дека се прифатени предлози од независните пратеници, а преку нив се земени предвид и дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Законот за јавното обвинителство се носи по скратена постапка и со европско знаме, така што проценките се дека целата процедура за неговото изгласување може да заврши во наредните три дена.
Извор: 360 °