коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Дури и неговите сопартијци аплаудираа на ратификацијата на членството на Северна Македонија во НАТО. Сите беа на нозе, па тој неволно стана, последен, од собраниската фотелја. Додека сите аплаудираа, тој си ги креваше панталоните. Аплаузот беше долг и громогласен.
Тој, откако си ги крена панталоните, веќе не знаеше што да прави со рацете. Се сврте околу себе. И неговите сопартијци аплаудираа.
Ги склопи рацете. Без аплауз.
Стоеше така, со поткренатите панталончиња, со две раце со кои не знаеше што да прави, додека неговата земја со чекори од седум милји иташе напред.
Тој остана назад, свртен кон минатото, кога беше газда на хидроелектрани и го советуваше својот стопан да ја укине евтината струја.
Стоеше во салата што ечеше од аплаузот, додека неговата земја жнееше уште еден успех, по 11-годишното опустошување.
Извршителот. Стоеше. Молкум. Збунет, лут, негативен. Стоеше, додека сите се радуваа и ракоплескаа. Стоеше Извршителот среде својот мрак.
Поразен.