За своето учество на вечерашниот марш во организација на СДСМ, по донесувањето на Законот за ЈО, а под мотото „Чекориме за правда“, еден слободен граѓанин напиша:
Јас нема само да чекорам, туку ќе продолжам да чекорам за правда. Ќе го продолжам чекорот кој го започнав 2015-та година кога, како граѓанин, зачекорив кон рушење на цел еден режим, за запирање на неправдата, монтираните судски процеси, масовното прислушкување, економска неправда, криминалот и „началничкото“ владеење.
Ќе чекорам како што чекорев кога баравме реформи во правосудниот систем, кога не им верувавме на судовите и на обвинителствата и баравме Специјално јавно обвинителство.
Ќе чекорам, и мојот чекор нема да го спречи ниту злоупотребата за која е осомничена Катица Јанева, ниту ударот на политиката врз СЈО.
Јас не чекорев ниту за Катица, ниту за политиката, туку за правда. Ако некому му пречеше СЈО и условуваше со негово гаснење, ќе чекорам денеска да ги известам дека од утре целото Обвинителство стана Специјално и треба да почнат да се плашат не од 9, 11 или неколку обвинители, туку од цел систем и од секој обвинител.
Ќе чекорам за да им покажам дека разочарувањата за непостигнатата финална цел нема да ни го запира чекорот, ниту да го олабави. Напротив! Чекорот мој, наш и на секој слободен граѓанин ќе се забрза и зголеми за да го надоместиме времето изгубено во првата битка против неправдата и неправедните.
Ќе чекорам во марш повикан од една политичка партија за да им покажам на сите политички партии дека граѓани можат да собираат само кога маршираат и работат за правда и владеење на правото, а не за фашистички собири каде се плука по правдата и се штити криминалот.
Ќе чекорам за правда затоа што за тоа се боревме, работевме и тоа го побаравме, и на секоја ваква прилика ќе продолжиме да го бараме.
Генц Штарку
Слободен граѓанин
Маршот почнува во 18 часот пред Собрание, а ќе заврши пред суд.