МВР на состанок утринава одлучува по кои критериуми ќе ги издаде последните четири илјади пасоши за кои останаа обрасци во државава. Владата побара од Министерството да одреди критериуми за издавањето, затоа што има дефицит на материјали за издавање на пасошите, пишува „Слободен печат“.
Ова предизвика долги редици во „пасошко“, зашто има четирипати повеќе барања од граѓани на кои им треба патна исправа, отколку што има обрасци. Итната постапка е во мораториум додека да дојде новата нарачка обрасци, а која се очекува за крајот на март.
Неофицијално, предност ќе имаат граѓаните со ургентни медицински потреби, оние со бизниси во странство кои не можат да чекаат, експерти кои треба да одат на меѓународни конгреси, како и иселеници што во Македонија се вратиле само за да ја извадат патната исправа што им истекува.