Јас на маршот за правда бев поканет како претставник на граѓанското општество. Откако размисливме јас и моите соработнички и соработници дали и како треба да се вклучам, имаше разлики во мислењата, јас на крајот пресеков и реков – ќе одам таму како граѓанин и како активист за човекови права веќе 30 години. Сметам дека тоа беше добра можност за претставник на граѓанките и граѓаните, еден од нив, по сите премрежја, да се искаже ставот и притоа да се искаже и критиката. Јас ја видов таа можност да го кажам својот став за оние кои во минатото ја уништуваа правдата и ја разградуваа државата, рече Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ во емисијата 24 Анализа на ТВ24.
„Јас тој марш го видов како покана за секој што е засегнат и бара правда. Но јас видов и дека навистина постои поделба на власта, имаме судска власт која е третирана како независна, имаме граѓански организации, политички партии… Имаме Парламент кој во последен момент донесе закон со 2/3 мнозинство што е многу важно и за одбележување и светот тоа го гледа како максимално добар сигнал, дека ние во оваа земја можеме да се согласиме околу битни прашања, без оглед на политичките, етничките и другите разлики. А со тоа сметам дека се дава до знаење дека во оваа држава веќе партијата, судството Парламентот и државата не се едно исто и дека навистина има поделба на власта“, рече Дерала.
Тоа што е многу важно и за кое сакам да потсетам, рече Дерала, е дека ние веќе две ипол години не се плашиме за нашиот живот.
„Гласачите во три претходни изборни циклуси можеа да излезат слободно да гласаат. Немаше инструментализација на полицијата, немаше инструментализација на државниот систем… Влеговме во НАТО, се приближуваме до ЕУ, граѓанките и граѓаните созреаја во последните години од режимот и во овие две и пол години. Големите проблеми се тука сѐ уште, се разбира, но би сакал да видиме дека има една голема разлика, бидејќи се ближиме кон изборите. Овие избори се важни за нашата земја поради тоа што се парламентарни избори со услови во кои граѓаните можат слободно да гласаат без некој да ги обликува нивните животи и мисли, да гласаат под притисок или страв, а доколку тоа се случи, тие можат сега слободно да се обратат и пријават кај нас, но и кај релевантни институции.
С.М.Ж./ И.Т.З.