Освен прекројувањето на шестата и петата изборна единица, измените на Изборниот законик предвидуваат и други новини кои треба да се применуваат на претстојните предвремени парламентарни избори на 12 април.
-Некои од измените на Изборниот законик се однесуваат на кандидирање на кандидатите кои сега ќе можат да собираат потписи пред нотари. Должни се да ги достават нотарите до нас, ние да ги објавиме на веб страната на Комисијата за граѓаните да можат да се информираат. Исто така по поднесување на кандидатските листи, на ДИК и се дава обврска да ги прибере сите документи потребни како податоци за кандидатите на листите. Во рок од 24 часа треба да одговорат сите надлежни институции на нашето барање да достават уверенија за државјанство, за неосудуваност итн и заради тоа ние деновиве ќе направиме состаноци со надлежните судови и со другите органи. Има некои новини кај Избирачкиот список, сега МВР е задолжено да ги достави список со сите лица кои на денот на изборите ќе имаат 18 години и оние кои што имаат важечки лични документи и оние кои немаат и оние кои од распишување на изборите до одржување на изборите ќе бидат во фаза на вадење на нови лични документи за потоа Комисијата, доколку е можно со нашата кампања и агитирање да им овозможи на граѓаните дополнително запишување во Избирачкиот список, објасни претседателот на ДИК Оливер Деркоски.
Според него, новина од посебно значење е можноста ДИК да воведе нова технологија на гласање, како пилот проект, доколку сме можност да ги исполниме техничките услови. Деркоски вели дека ДИК ќе се обиде да го спроведе тоа, но доколку не се случи, тоа ќе биде обврска за наредните избори ДИК да спроведе нова технологија на гласање на целата територија на државата.
-Тука се мисли на надминување на понижувачкиот би рекол сега начин на идентификација на гласачите со прскање со спрејот и УВ ламбата. Има посовремени средства кои можат да извршат идентификација на гласачот и во тие рамки треба да се движиме и ние барајќи ја таа нова технологија, објасни претседателот на ДИК
Деркоски апелираше до медиумите до полноќ да достават податоци за регистрација за да можат да емитуваат или објавуваат платена политичка програма, а потоа до петок на полноќ и ценовници.
Во однос на измените на одредбите што се однесуваат на членот 75, конкретно ѓ, според којшто обврската е на ДИК да утврди цена по секунда за медиумско претставување, Деркоски рече дека за нив претставува тешкотија затоа што се ставени во улога на регулаторно тело, нешто што, како што вели, природно не би припаѓало тука.
-Тука пак ќе кажам ние сме орган што треба да го спроведува и го спроведува законот. Тие одредби јасно ги утврдуваат тие права и надлежности и јасно постапуваме. Медиумската кампања се плаќа од буџетот на државата, од парите на граѓаните, мора да се води сметка за трошењето на парите на граѓаните и од тие причини веројатно законодавецот пробал да направи одредено регулирање. Незгодниот момент е што таа обврска и ја дава на ДИК, рече Деркоски.
Во однос на порталите, Деркоски вели дека не постои методологија за мониторирање на порталите ниту може да се направи. -Ние сме се обиделе нешто да направиме, но тоа оди тешко. Побаравме искуства од други држави исто така и таму нема, додаде тој.
– Се зависи од добрата волја и почитување на некои морални и етички на учесниците во оваа кампања, рече Деркоски.
Вели сите медиумите се задолжени нашата кампања за едукација на гласачите да ја емитуваат бесплатно – 30 секунди на секои три часа. Исто така сите телевизии треба да ангажираат толкувачи на знаковен јазик.
-Тука ќе бидеме потолерантни затоа што знаеме дека нема доволен капацитет на толкувачи, меѓутоа веќе станува обврска, па така од наредните избори ќе мора сите да се потрудат да имаат, вели тој.