Деновиве, на вонредна седница, Советот на Општина Центар го усвои Заклучокот, со кој се одлучи по пат на јавен конкурс да се уреди локацијата кај поранешна „Треска”. Што значи тоа во практика, за тоа како јавниот конкурс ќе се усогласува со постојниот ГУП и ДУП, за заложбите да се работи во интерес на граѓаните, за „Слободен печат“ зборува првиот човек на Центар, Саша Богдановиќ. Тој одговара и на обвинувањето дека конкурсот е само легален параван зад кој се кријат бизнис-интереси.
Прифативте граѓанска иницијатива просторот кај „Треска“ да се уредува на јавен конкурс. Како ќе оди на јавен конкурс простор што е вцртан во ГУП, во ДУП. Колку граѓаните можат да интервенираат во тој простор?
– Ние како Општина Центар, со поддршка на советниците од СДСМ и коалицијата, ја прифативме граѓанската иницијатива, но бидејќи од старт имаше забелешки на начинот на кој е поднесена, ја прифативме како идеја, а ја преточивме во иницијатива што ја поднесе градоначалникот за да ги избегнеме сите оние правни лавиринти и бирократски процеси за да го постигнеме крајниот ефект, а тоа е да има конкурс за тој дел. Идејата на Асоцијацијата на архитекти, на Комората на градежни архитекти, на дел од граѓански здруженија, па еве и наша, е неколку такви слободни простори што сè уште не се урбанизирани, да бидат предмет на конкурс, каде што секој архитект или група на архитекти ќе можат да дадат одредено решение како би требало да изгледа тој простор, со тоа што би ги задоволило параметрите на Генералниот план, позитивните законски прописи, но и потребите на Општината. Таму во претходен план од 2012 година, според ГУП има вцртано нула проценти зеленило. Сè се згради, кои јас ги викам наполитанки, коишто се само бетон и ништо повеќе. Овој концепт што сега го размислуваме и кој очекуваме да произлезе во едно дефинитивно конкурсно решение, ќе даде нов облик на планирање, односно ќе даде можност да се задоволат потребите и параметрите што ќе произлезат од ГУП, но и да се вградат некои принципи со кои ние се бориме. Јас како пример ќе го наведам планот за Пролет каде што ги зголемивме зелените површини што претходно ги немаше, направивме простор за катна гаража, односно монтажен паркинг за паркирање и фактички придонесовме не во интерес на некој друг, туку за тоа што им треба на граѓаните – да имаат повеќе слободен простор и повеќе простор за паркирање. Вцртавме и за првпат да има градинка. Пролет е населба стара повеќе од педесет години и никој досега не се сетил да вцрта градинка. Истото ќе се случува и кај „Треска“ и кај сите други планови што ги носи Општина Центар.
Целото интервју ТУКА