Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека засега нема потреба од одложување на манифестациите на отворено, чие одржување се закажани за наредниов период. Но, тој вели дека ќе се следи состојбата, а за вакви мерки ќе се одлучува доколку се случи да има случај на прв заболен од коронавирус во државата.
„Засега нема потреба. Може се да се случи. Имаше случај во Грција, имаше уште еден случај во Хрватска. Чекам информации од Косово, знам дека во Албанија – нема. Може се да ни се случи. Може да имаме прв заболен и тогаш ќе одлучуваме во зависност од епидемиолошкиот ланец на заболениот“, рече Филипче.
Во недела е закажана манифестацијата „Прочка“ во Прилеп, а во сабота почнува „Струмичкиот фестивал“ под маски, две традиции кои подразбираат мноштво луѓе собрани по улиците и плоштадите.
Првиот човек на Министерството за здравство вели дека има доволно тестови за испитување на присуство на коронавирус кај пациенти.