пишува: РИБАРО
Луѓе мои, ЕК препорачува отпочнување преговори – СКАНДАЛ ОД НЕВИДЕНИ РАЗМЕРИ! вели разрешениот судија Владимир Панчевски. Се сеќавата на Панчевски, нели – тоа е оној господин човек без никаква маана во своето досие кој во време на Грујо беше претседател на Кривичен суд во Скопје. Тоа е оној судија против кого замислете ве молам, негов колега судија поднесе кривична пријава против него за кривично дело поврзано со влијание врз судија, за да преземе одделни незаконски дејства. Го малтретираа човекот Панчевски за бадијала, а тој само си ги спроведуваше агендите седнат поштено во скутот на патронот му Груевски.
Безсрамници?!
Тоа е оној сирот бато Панчевски кого го именуваат како милионерот меѓу судиите, или судија меѓу милионерите. Панчевски е сопственик на девет стана, од кои два се со квадратура од околу 140 метри квадратни, еден со 114 метри квадратни, а четири со околу 80 квадрати. Тоа е една поштељачина од човек, кој и покрај својот комодитет, животот си го посветил на борба за правда и против обесправените.
– Ова е лицемерието на дипломатите на ЕК во Македонија, за нив само извештај за Македонија и народот индикатор дека не им е до почитување на право и закон единствено работат Зоран Заев да опстане и остане на власт! – вели Панчевски.
Па како се осмелуваат овие од Европската Комисија да си играат со трпението од овој господин и да дадат вака позитивен извештај? Небари ние не знаеме како Заев ги вадеше членовите на Европската Комисија еден по еден за уши да изгласаат ваков извештај. Небаре не знаеме дека овие европски лицемери ќе завршат во ендек ако не ја спроведуваат волјата на Заев? Како да не знаеме дека Заев ја држи во шака цела ЕУ и сите светски лидери му се на кратко ланче? За што ли не сметаат овие белосветски лидери од западната демократија?
До екипата на АХА деноноќно пристигнуваат поплаки на така добриот извештај од ЕК, но ние конкретно сме насочени кон неговото разрешено судско височевство Панчевски.
Правда за сиротиот Панчевски! Оставете го сиротиот Панчевски на мир! се само дел од паролите кои го полнат инбоксот од АХА.
Ваше велелепно правосудско величевство останете храбри, екипата на АХА е со вас без разлика што оние мрачни европски сили се обидуваат да ни ја втурнат државата во комодитетот на блудницата ЕУ.
Со вас сме драг Панчевски – Нема да попуштиме!
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK