Лажните вести помогнати со невкусни фотомонтажи не поштедуваат ни животно важни активности како што е заштитата и превентивата од корона вирусот. На крајно недоличен начин центрите на фејк пропагандата овој пат го искористиле графичкото решение на Теано Кардула, ја злоупотребиле нејзината креативност, извонредно хумана активност и вложениот труд.
Јас немам врска со оваа преработка на инфографикот!, пишува Теано Кардула на својот фејсбук профил.
Името ми е оставено од страна и информациите се злоупотребени за политички поени. Да се собираат политички поени во вакви кризни моменти е испод секое ниво. Матрицата очигледно не им е сменета, вели Теано Кардула за бесмислената фотомонтажата
Оваа фотомонтажа се појави откако Теано Кардула денес изработи симпатичен постер „Ако се чуваш ти, ги чуваш и другите“ за корона вирусот, а таквиот активизам го пофали и поттикна да се продолжи со ваква интеракција и министерот за здравство Венко Филипче.
Графичкиот активизам и поддршката на креативната заедница е многу важна во информативната кампања за COVID-19, напиша министерот за здравство Венко Филипче на Фејсбук.
„Ги повикувам сите креативци кои сакаат и можат да помогнат во кампањата да го направат тоа. Сите официјални препораки и информации кои им се потребни ги има на овој линк кој редовоно ќе се ажурира.
http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/
Ова е одличен пример за ваков активизам и изразувам благодарност до Teano Kardula која го изработи овој постер.“
Теано Кардула е ќерка на познатиот уметник, графички дизајнер и активист Зоран Кардула.
Ј. Ѓорѓиоски