По потпишувањето на Договорот за заеднички настап на парламентарните избори за 2020 година со претставници на 24 коалициони партнери, што се одржа во вечерните часови на 11 март, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одговори и на прашањето од медиумите дали ќе има избори, со оглед на пандемијата на коронавирусот.
Заев рече дека не е добро да се одложат изборите и дека на лидерската средба што ја свика техничкиот премиер Оливер Спасовски ќе се прецизира каков вид кампања ќе се води. Тој изјави:
„Навистина ги следиме трендовите дури од жариштата од каде што почна, од Кина, работите се смируваат веруваме дека и кај нас ќе се смируваат, но до тогаш сите сме должни, без разлика дали сме политички лидери на победничка коалиција, да ги послушаме државните органи. Целта на повикот е препораката од министерство за здравство. Премиерот Спасовски ги повикува лидерите на поголемите политички партии да разговараат околу моделите на водење на кампањата, каков вид на кампања е дозволива и што е препорачлино од страна на државните институции за да можеме да го исполниме тоа што граѓаните од нас го очекуваат. Да ги промовираме нашите програми, нашите кандидати, визии и слично, а притоа да се испочитуваат сите задолженија и препораки од државните институции, тоа е целта.
Јас лично не гледам на ниту еден начин, ниту било која причина за изборите да се одложуваат. Тоа е целта која сакаме да ја постигнеме и не е добро да се одложат изборите, тие треба да се одржат. Сите државни ресурси се подготвени, екипирани и парламентот е распуштен, веќе е подготвено сѐ она што е претходна постапка и е завршено. Сега можеби корона вирусот ќе нѐ стави во позиција на некои поинаков вид на кампања, секако електронските медиуми се на располагање, интернет можностите се на располагање, видео стримови и така натаму, можеме да ги поставиме и верувам дека ќе допреме до граѓаните. Важно е граѓаните да знаат за што ќе гласаат, да знаат што ќе бираат и како да изберат. Важно е да ги промовираме сите наши поединци и пратеници, програми, визии и детали околу целата работа за да може да излезат. Важно е граѓаните да излезат, успешноста на изборите не е исто дали ќе биде со 45% или со 75%. Така што, веруваме дека максимално ќе мотивираме да излезат граѓаните заради тоа што, со излезноста на граѓаните и граѓанската должност секако ја исполнуваме.“