Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска објави видео од касарната Пепелиште на Криволак, каде ќе биде првиот прифатен пункт за изолација на граѓаните кои се враќаат од држави со висок ризик.
– На Криволак, во касарната Пепелиште, каде ќе биде првиот прифатен пункт за нашите граѓани кои се враќаат од држави со висок ризик, во групна изолација, објави на својот Фејсбук профил министерката Шекеринска.
Владата на денешната 21 седница донесе одлука групата наши државјани, кои организирано со конвој од автобуси пристигнуваат од Република Италија на граничниот премин Деве Баир, да бидат сместени во капацитетите на Криволак. Владата, исто така, ја задолжи Армијата да го огради периметарот на овој капацитет на Криволак и да го обезбедува просторот во кои овие лица ќе бидат сместени, со цел лицата да не може да го напуштат.