Мицкоски во емисијата „Клик Плус“ ја искористи приликата за да собере политички поени и ја нападне Владата и економските мерки кои што таа ги предложи.
Мицкоски рече дека Владата денес не покажала сериозност и ниту една од презентираните мерки не е од круцијално значење за македонското стопанство кое се соочува со сериозни проблеми.
„Но за жал она кое што го видов утрово, а кое што беше презентирано на таа пресконференција посебно во делот ќе ги частиме компаниите, навистина претставува едно непримерно однесување на луѓе кои што во овој момент треба да се однесуваат сериозно, имајќи ја во предвид сериозноста на ситуацијата“, рече Мицкоски.
Од друга страна вицепремиерката Мила Царовска на денешниот прес истакна сет на сериозни економски мерки кои Владата планира да ги преземе.
„Правевме темелни анализи на можните последици и мерките кои треба да ги преземеме. Заеднички дојдовме со сет мерки. Започнуваме со реализација на мерки за заедно справување. Ќе се балансираат ликвидноста на компаниите и ликвидноста на буџетот“, истакна Царовска.
Вицепремиерката посочи дека ќе се доделуваат кредити на компаниите погодени од кризата со корона вирусот кои ќе бидат бескаматни, а ќе се добиваат преку Развојната банка на Северна Македонија.
„Првата мерка се однесува на директна поддршка за ликвидност на микро, мали и средни претпријатија. Со 5. 7 милиони евра ќе се кредитираат компании поради неликвидност. Кредитите се дизајнирани со голема внимателност, за да може да добијат повеќе фирми. Микро компаниите до 10 вработени ќе можат да земат кредити од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, од 10 до 15 илјади евра, а средните компании од 50 до 250 вработени, од 15 до 30 илјади евра. Овие кредити се бескаматни, а грејс период е 6 месеци и период на отплата е 2 години. Бесплатно е и администрирањето на кредитите“, истакна Царовска.
Вицепремиерката за економски прашања нагласи и дека ќе има субвенционирање на придонесите на вработените во фирми кои се погодени од кризата поради коронавирусот.
„Втората мерка е за делот на исплата на плати. Мораме да го задржиме секое работно место, па затоа обезбедуваме субвенционирање на придонесите за вработените од секторите туризам, транспорт, угостителство и други компании погодени, за месец април, мај и јуни со цел да субвенционираме придонеси по вработен во висина од 50 проценти од придонесите за исплатена просечна плата во 2019 година, со тоа што компанијата да не го намали бројот на вработени, да нема исплатено дивиденда и да нема исплатено бонуси“, рече Царовска.
Владата, рече таа, дава и препорака фирмите со многу вработени да воспостават четирисменско работење по потреба, со цел да има помалку вработени во една смена, како и дезинфицирање помеѓу секоја смена.
„Една од клучните прашања е работењето на погоните и фабриките каде работат поголем број на вработени. Владата препорачува до овие компании да ја организираат работата во смени, по потреба и 4 смени, се со цел да има помалку вработени во смена. Препорачуваме да се дезинфицираат фабриките при пормена на смени. Заради овозможување на непречен влез и транзит на товарни возила, санитарниот инспекторат преку Макан Транс ќе дава дозволи за влез, со цел да не престане трговската размена, а ќе се влегува согласно протоколот на Министерството за здравство. Започнуваме активни разговори со меѓународните соработници, за да се предвидат наредните предизвици, посочи вицепремиерката Мила Царовска.
Ј. Ѓ.